Пет едноставни методи на медитaција
Во медитацијата најтежок е почетокот. Умот се спротиставува, ни го свртува вниманието, се ни пречи, се не раздразнува. Поради тоа треба да вежбаме различни начини на влегување во медитација и да го одбереме оној кој наповеќе ни одговара.
Пред се најважно е да го одбереме времето за медитација, кога не брзаме никаде, кога сме најслободни.
Да го смириме сопствениот ум не е толку комплицирано како што изгледа. Важно е да се обидеме и да не ги правиме следните грешки, а тоа е да очекуваме брзи резултати и претерано да се грижиме дали правиме се како што треба. Медитацијата бара да се опуштиме, таа е слобода а не ограничување.
1.метод: медитација во лежечка положба за целосна релаксација
Оваа медитација ја изведуваме наутро по будење или навечер пред заспивање, удобно опуштени, легнати на грб со рацете лесно раширени покрај телото или преклопени една врз друга два прста над папокот. Жените ја преклопуваат прво десната рака па левата одозгора, а мажите обратно. Сами одбираме со која положба на рацете се чуствуваме порелаксирано. Прво неколку пати длабоко издишуваме и вдишуваме за да се ослободиме од напнатоста. Престануваме да мислиме и со затворени очи се концентрираме на дишењето. Дишеме мирно. Со затворени очи го усмеруваме погледот во една точка кон коренот на носот. Може да почуствуваме лесна главоболка, но таа брзо ќе помине. Ги отфрламе сите мисли кои неконтролирано ни надоаѓаат, се концентрираме само на дишењето и на празнината. Чуствуваме пријатен мир и спокој. Запирајки ги мислите го ослободуваме умот, му даваме време да се одмори. Додека сме во активна состојба илјадници мисли, во форма на електрични импулси ни искрат во мозокот, во секој дел од секунда. Со медитацијата го смируваме тој наплив и поради тоа кога ке излеземе од медитацијата се чуствуваме пријатно и одморно.
Не треба да не обесхрабри тоа што во почетокот многу кратко ке успееме да ги блокираме мислите. Колку и да е кратко, сепак ке се почуствува позитивното влијание на медитацијата на нашиот мир и пријатното чуство на спокој, а секој нареден пат ке биде подобро и подолго.
2.метод: медитација во удобна опуштена седечка положба
Сместете се удобно во фотеља потпрени со грб, нозете спуштени на земја, рацете потпрени на рачките од фотељата. Основно правило е да седиме удобно. Вдишуваме и издишуваме длабоко неколку пати додека не се почуствуваме опуштено. Потоа замислуваме некој предмет, растение или пејсаж. Длабоко со мислите се концетрираме на тоа, отфрлајки ги при тоа сите други мисли кои неконтролирано ни доаѓаат. Дишеме мирно.
Без емоции, смирено, длабоко скоцентрирани во мислите го набљудуваме замислениот предмет или пејсаж до најситни детали. Бојата, формата, мирисот па дури и вкусот. На пример море. Го набљудуваме неговото бескрајно синило, лесните разиграни бранови, нежниот ветер, мирисот на морето што ни го носи ветерот, па дури го чуствуваме и вкусот на солените капки . Тогаш ке ја почуствуваме смиреноста на умот и опуштеноста на телото. Сета предходна напнатост ке исчезне.
По 10 - 15 минути излегуваме од медитација, релаксирани и освежени. Некогаш, по потреба, ни се доволни и пет минути за да се опуштиме, да го смириме умот за да можеме подобро, смирени, без нервоза,стрес и страв, да се концетрираме на решавање на задачите или проблемите . Медитацијата е моќна алатка во нашите раце.
3.метод: медитација во движење, прошетка
Оваа медитација ја правиме додека пешачиме во природа, во парк или на кеј. Можеме да ја изведуваме на два начина.
Првиот начин е со музика. Ставаме слушалки на уши и пуштаме пријатна музика. Најдобро е класична музика. Како на пример: "Air" Bach, "Adagio" Albinoni, "Canon in d" Pachelbel, "Moonlight sonata" Beethoven, "Nocturnes No.9" Chopin, "Serenade" Schubert и многу други. Или пак некоја друга музика доколку не сакаме класична, единствено е важно да биде без текст, за да не ни го одвраќа вниманието и да не деконцентрира во медитацијата. Пешачиме со брзина која што нам ни одговара, сконцентрирано слушајќи ја музиката. Ги отфрламе сите други мисли кои ни доаѓаат. Се концетрираме само на музиката и природата околу нас, бојата небото, формата на облаците, дрвјата, лисјата, летот на птиците, течението на реката. Се опуштаме и комплетно уживаме во хармонијата на природата и музиката. Не мислиме ништо, само набљудуваме, слушаме, се движиме и дишеме мирно и спокојно.
Вториот начин е движење и мирно дишење без музика, само концентрирано ја набљудуваме природата и внимателно го слушаме пеењето на птиците.
Одберете го начинот кој повеќе ви оговара и уживајте во придобивките на оваа медитација: смирен ум, чувство на спокој и регенерирана енергија.
4.метод: медитација со трчање
Медитацијата со или за време на трчање го ослободува умот и го насочува фокусот. Таа е добра алатка не само за опуштање и смирување, туку да се смириме и фокусираме и кога се спремаме и учествуваме во тркачки натпревар.
Пред да почнеме се сосредоточуваме на нашето дишење, вдишуваме и издишуваме неколку пати длабоко за да се ослободиме од напнатоста. Потоа почнуваме да трчаме и мисловно се задлабочуваме во нозете во нивните мускули, во ритамот на треперењето кога стопалото ке ја допре тврдата подлога, мисловно ги чуствуваме вибрациите. Го чуствуваме задоволството од напорот при движењето кое протекува низ целото тело. Треба да имаме подготвено и мантра, со едноставни зборови кои имаат силно значење за нас. Како на пример "Јас сум силен/а" или нешто покреативно со длабоко значење и мотивација за нас. Ова е особено важно ако сме на натпревар, бидејќи со таа мантра го држиме умот фокусиран, ослободен од сите други мисли,сомнежи ,стравови и трема.
Но дури и да не сме на натпревар, медитацијата со трчање е корисна бидејки како што трчањето е корисно за нашето тело и не ослободува од напнатост така и медитацијата го одмара и го регенерира умот, не исполнува со задоволство и душевен мир.
5.метод: медитација со брзо движење / играње / скокање
Овој метод е добар кога имаме наплив на енергија, потреба да се раздвижиме, кога не можеме да постигнеме смиреност само со дишење и концентрација. Особено ќе им се допадне на оние кои го сакаат движењето и танцот.
Исто како и кај другите методи неколку пати вдишуваме и издишуваме за да се опуштиме.
Пуштаме музика што ја сакаме, се ослободуваме од сите мисли, се препуштаме на ритамот на музиката. Се концентрираме само на своето тело , на движењата и на музиката. Се друго непостои, ги отфрламе сите мисли. Не е важно како ке се движиме, во ритам, без ритам со кореографија, без кореографија, со скокање, виткање, вртење, воопшто не е важно. Важно е да постигнеме тотална обземеност, концентрација со она што го правиме. Да ја ослободиме напнатоста и да го одмориме умот од други мисли. Колку време ќе го правиме овој начин на медитација зависи од нас, се додека не се почуствуваме релаксирано, смирено. Играњето кај луѓето предизвикува чуство на среќа и радост.
Се надеваме дека ќе се пронајдете во некоја од овие пет едноставни методи и ќе ја користите како алатка кога ви е потребно. Ова се основни лесни методи кои може секој да ги приспособи на своите потреби и афинитети а сепак да ја постигне целта, да го смири умот и да се ослободи од напнатоста во било која околност, а тоа е најважно.